Основната цел на Слоу Фуд е преку Слоу Фуд Фондацијата за Биодиверзитет, да го заштити доместифицираниот биодиверзитет (уште познат и како агробиодиверзитет). Тоа значи широката разновидност на животински раси, како што се Каракачанската овца, свињата Мангулица, говедото Буша, како и големата разновидност на растителни сорти од Пољак и Смилјанскиот грав на Балканот, па се до илјадниците сорти на компири и грав од Андите. Слоу Фуд има три алатки за да го истражува, одржува и заштити биодиверзитетот: една од нив е и Арката на Вкусови.

Арката на Вкусови го обиколува светот собирајќи загрозени квалитетни производи произведени од малите производители кои припаѓаат на културите, историјата и традициите од целиот свет: исклучително богатство од овошје, зеленчук, животински раси, сирења, лебови, десерти и преработки на месо…

Арката е создадена за да го посочи постоењето на овие производи и да го привлече вниманието кон ризикот од нивното исчезнување кое ќе настани за неколку генерации, како и да ги повика сите да преземат акција за да помогнат во нивната заштита. Во некои случаи, може да се помогне со нивно купување и консумирање или преку раскажување на нивната приказна и поддршка на производителите, додека пак во слчај на загрозените диви видови, помошта може да значи намалување на нивната консумација, се со цел да се зачуваат овие видови, но и да се поттикне нивната репродукција.

Критериуми за Вклучување

Номинациите за вклучување во Арката мора да се однесуваат на прехранбени производи и може да содржат: доместифицирани видови (растителни сорти, екотипови, автохтони животински раси и популации), диви видови (само доколку се поврзуваат со традиционални методи на собирање, преработка и употреба) и преработени производи. Производите мора да се со специфичен квалитет во однос на вкусот. Дефиницијата за “Квалитет на Вкусот” во овој случај е во контекст на локалните традиции и употреба. Производите мора да се поврзуваат со специфична област, со колективната меморија и идентитет и со локалните традиции. Производите мора да се произведуваат во ограничени количини. Производите мора да бидат изложени на ризик од исчезнување.

Од суштинско значење е да се разберат и да се применат критериумите на Арката но и да се земат во предвид специфичните локални карактеристики на производот, секогаш почитувајќи ја културната, социјалната, географската, економската и политичката разлика на заедниците кои ги зачувуваат производите.

Побарајте вакви производи и во Вашата земја. Помогнете ни да ги најдеме и да ги вметнеме во каталогот!